Претседателот на Советот на Обвинители, Антонио Јолевски, смета дека Министерот за правда, Кренар Лога, нема право да го бара записникот на седницата каде е разрешена претседателката на Судски Совет, Весна Дамева. Ова Јолевски го изјави во емисијата „10 Минути“ на ТВ21, при тоа додаде дека самиот Совет треба да оцени дали ќе му го достави записникот на министерот Лога.
Министерството за Правда не се согласува со тврдењата на Јолевски. Преку демант му се обратија на претседателот на Советот на обвинители од кабинетот на Кренар Лога, каде што велат дека се зачудени од ваквите изјави на Јолевски. Објаснуваат дека според Уставот, Министерот за правда е член на Судски Совет според службена должност, министерот на покана од Судски Совет, учествува на нивните седници и на министерот му се доставуваат извештаи од работата на Советот.
„Членот 15 од Деловникот предвидува дека записникот покрај останатите податоци содржи податоци за дневниот ред што е утврден на седницата, наводите , изјаснувањата и предлозите на присутните на седницата , спроведената расправа, донесените одлуки и резултатот од гласањето. Записникот се разгледува и усвојува на седница на Советот, а по евентуални забелешки, Советот донесува заклучок кој што е составен дел на записникот на кој се однесувала забелешката. Усвоениот записник од седницата на Советот го потпишуваат претседателот на Советот и генералниот секретар, односно лицето што го водело записникот. Судскиот совет има обврска примерок од записникот да достави до членовите на Судскиот совет по електронски пат.“, стои во соопштението од Министерството за правда.
Од Министерството за правда заклучуваат дека министерот како член на Судскиот совет има право да реагира и да бара исполнување на обврската за испраќање на записникот од седницата на Судскиот совет. А, според Јолевски, Дамева продолжува да биде претседател на Судскиот совет бидејќи постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет е посебна, а не таа што се спроведуваше тој ден. Според него, постапката според која е разрешена Дамева не е предвидена со закон.
