При контрола на тезгите на Зелениот пазар во Чаир била откриена продажба на акцизни производи без акцизни марки. Царинската управа запленила 135 килограми сечкан тутун и 30 литри алкохол, а вредноста на неплатената акциза изнесува 337.558 денари.
Во акцијата, царинските службеници од Царинската управа во Скопје и мобилните екипи на Одделението за оперативни работи затекнале три лица како продаваат акцизни производи без соодветни акцизни марки.
„При контролата на акцизни производи на тезгите на зелениот пазар во Чаир, фатени се три лица како продаваат акцизни производи без акцизни маркички. Тие, противзаконски ја ставилe акцизната стока во продажба, без претходно да платат акциза кон државата“, се наведува во соопштението на Царинската управа.
Против две лица се поведени прекршочни постапки, додека против третото лице, за кое постои сомнение дека продавало производи избегнувајќи плаќање акциза во вредност од 257.000 денари, ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Царинската управа посочуваат дека контролите на домашните пазари ќе продолжат, паралелно со засилените истраги за увозот на тутун и тутунски производи, со цел сузбивање на нелегалната трговија и избегнувањето на обврските кон државата.
