Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се очекува објавување на пресудата во предметот против Раде Трајковски–Штекли и уште четворица обвинети, кои се товарат за учество во организирана криминална група за неовластено производство и трговија со кокаин и марихуана.
Првично, истрагата опфатила 16 лица. Седуммина од нив склучиле спогодби со Обвинителството и добиле затворски казни од три до три и пол години, додека четворица ја признале вината, по што постапката за нив била издвоена.
Според обвинението, групата делувала во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година, со јасно распределени улоги – од набавка до дистрибуција на наркотиците. Обвинителството го посочува Трајковски како организатор и координатор, кој одржувал контакти со лица од странство и со домашни посредници, давајќи насоки за набавка и ширење на мрежата.
Доказите укажуваат дека дрогата се складирала во изнајмени станови, а продажбата се вршела по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и од 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата меѓу членовите се одвивала преку апликации со заштитена комуникација, меѓу кои и „Снепчет“, а дел од доказниот материјал бил обезбеден преку анализа на мобилни уреди.
На почетокот на судењето, Трајковски изјави дека не го разбира обвинението, додека останатите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Неговата одбрана тврди дека нема докази оти тој формирал или раководел со криминалната група, оценувајќи дека обвинението се темели на претпоставки.
