Фонтаната на плоштадот „Скендербег“ пресуши. Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, вели дека е вон функција поради лошото време и мразот.
„Годинава воопшто не ги пуштивме поради мразот и ниските температури. Јас немам информација за некаков дефект, бидејќи претходните години фонтаната работеше. Секогаш беше во функција, бидејќи е атрактивна и го разубавува плоштадот. Никогаш нема работено 24 часа бидејќи се трудевме да заштедиме“, посочи Ганиу.
Но, на другиот дел од Скопје глетката е поинаква. Од сите фонтани тече вода уште од април.
И електричните скали се вон употреба. Околу нив може да се забележи само отпад. Ганиу не ја знае причината за нивното нефункционирање.
„При техничкото пуштање работеа, можеби намерно или не знам… Не ја знам причината за нефункционирањето на електричните скали. Оваа година преземавме иницијатива за распишување повик за сите компании кои можат да ги поправат скалите“, додаде Ганиу.
Изградбата на плоштадот „Скендербег“ почна пред речиси една деценија. Сѐ уште не е завршена третата фаза која предвидува изградба на подземен паркинг, со што би се проширило шеталиштето од кај споменикот на Скендербег кон Трговскиот центар „Мавровка“.
