МВР денеска извести за два случаи на уапсени лица, по претреси извршени во Скопје и Кичевско во кои им била пронајдена дрога.
„На 11.08.2026 во 21:30 часот во с.Србјани, кичевско, полициски службеници од ОВР Кичево ги лишија од слобода И.Б.(43) и А.Л.(29), двајцата од Кичево. Претходно, полициски службеници дале знак за запирање на патничко возило „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, кое го управувал И.Б., а сопатник бил А.Л., при што тие од прозорец на возилото фрлиле пакување со бела прашкаста материја, која била пронајдена и одземена“, соопшти МВР.
При преземање мерки, исто така, било утврдено дека И.Б. го управувал возилото за време на активна забрана за управување со моторно возило од Б категорија. Известен бил јавен обвинител, по чија наредба возилото било одземено. ОВР Кичево до ОЈО Кичево поднесе кривична пријава, по што од судија на претходна постапка од Основен суд Кичево определена им е мерка притвор.
Во друг случај, на 12.08.2026 во 23:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода П.П.(29) од Скопје затоа што при преглед кај него била пронајдена и одземена бела грутчеста материја.
„Подоцна, со наредба од Основен кривичен суд Скопје, бил извршен и претрес во домот каде престојува П.П., каде била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава“, соопштија од МВР.
