Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, денес ќе ја пречека со највисоки државни и воени почести претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на земјава.
По церемонијата на пречек во претседателскиот кабинет, ќе се одржи средба „тет а тет“ меѓу двете претседателки, по што ќе следи пленарен состанок на делегациите на Македонија и Индија, како и заедничка прес-конференција.
Претседателката Мурму пристигна синоќа во Скопје, каде што на Меѓународниот аеродром во Скопје ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
„Во рамките на посетата се планирани низа средби и активности. Очекувам дека тие ќе ги потврдат одличните билатерални односи и ќе дадат нов импулс за унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји“, напиша Муцунски на Фејсбук.
За време на посетата, претседателката на Индија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопјe.
Таа, исто така, ќе се сретне со претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе се потпише во книгата на гости и ќе им се обрати на пратениците во Собранието.
