Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести, ја пречека претседателката на Индија, Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на Македонија. Тема на разговорите беа актуелните македонско-индиски односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација. Мурму оцени дека нејзината прва посета претставува историски момент и изрази подготвеност за нова динамика во сеопфатното партнерство меѓу двата народа.
„Меѓу сите теми за кои разговаравме денес, една особено се издвои. Дојде време нашето економско партнерство да го достигне квалитетот на нашите политички односи. Економската трансформација на Индија е веројатно една од највпечатливите успешни приказни на 21 век“, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
„Разговаравме за повеќе прашања од билатералната соработка и разменивме мислења за регионални и глобални прашања од заеднички интерес. Повторно ги истакнавме и ги потврдивме пријателските односи меѓу Македонија и Индија, засновани на заеднички вредности и меѓусебна почит“, вели претседателката на Индија, Друпади Мурму.
