Неколку идеи за деблокада на евроинтегративниот процес откри претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Во интервју за РСЕ, таа повтори дека е одбиен предлогот за уставни измени со одложена примена и додаде дека очекува ЕУ да изнајде креативно решение. Во една од идеите на Сиљановска во фокус е Европскиот Парламент.
„Може Европскиот Парламент да донесе некаков акт – за состојбите меѓу нас и меѓу Бугарија.“, рече Сиљановска-Давкова.

Доколку тоа не се случи, креативно решение претседателката го гледа преку Советот на ЕУ.
„Може Советот исто така да даде некакви инструкции.“, рече претседателката.
Третата опција е преку нов протокол на Договорот со Бугарија да се гарантира дека работата на историчарите од Комисијата нема да претставува услов за интеграцијата.

„За овие наши разговори да им се предочи дека или да се донесе, што знам, протоколи два потпишавме, еве може уште еден – дека нема да се користи, дека нема да можат да бидат основ за вето. Туку дека ќе се разговара.“, вели Сиљановска-Давкова.
На Самитот на НАТО во Хаг, кон крајот на јуни, се очекува претседателката да се сретне со нејзиниот бугарски колега Румен Радев или пак премиерот Росен Жељазков. Оваа средба би се одвивала пред очите на челниците на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, Антонио Кошта и Каја Калас. Дополнително, повикани би биле и претставници на НАТО и САД. Засега одговор од бугарска страна за ваквата иницијатива на Кошта и Сиљановска нема.
