Претседателот на Естонија ја повика ЕУ да го прекине целиот руски увоз на енергија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Естонскиот претседател Алар Карис изјави денеска дека Европската унија треба сериозно да размисли за воведување целосно трговско ембарго против Русија.

„Европската унија треба дополнително да ја унапреди независноста и да го прекине целиот увоз на руска енергија во ЕУ. Целосното трговско ембарго кон Русија треба дури и сериозно да се разгледа“, рече тој на платформата „Икс“.

„Ова целосно ќе стави крај на енергетската зависност на балтичките земји од Русија и ќе обезбеди Русија никогаш да не може да ја користи енергијата како оружје против нас“, напиша Карис.

Литванија, Летонија и Естонија во саботата ги исклучија своите електроенергетски системи од електроенергетските мрежи на Русија и Белорусија, а денеска ги синхронизираа тие системи со континентална Европа.