Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, следната недела ќе престојува во турнеја низ земјите од Западен Балкан, каде ќе се сретне со лидерите од регионот и ќе биде ко-претседавач на Самитот ЕУ–Западен Балкан што ќе се одржи на 5 јуни во Тиват, Црна Гора.
Како што соопшти Европскиот совет, посетата ќе трае од 1 до 5 јуни, а главни теми на разговорите ќе бидат проширувањето на Европската унија, постепената интеграција на регионот, регионалната соработка, како и безбедноста и стабилноста.
„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на Европската унија кон регионот е реална, исто како и можноста за проширување. Моментумот постои. Сега е време за резултати“, изјави Кошта.
Турнејата ќе започне на 1 јуни во Сараево, каде Кошта ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина – Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, како и со претседателката на Советот на министри, Борјана Кришто.
На 2 јуни, Кошта ќе престојува во Тирана, каде ќе има средби со албанскиот премиер Еди Рама, претседателот Бајрам Бегај, како и со студентите од кампусот на Колеџот на Европа.
Истиот ден тој ќе допатува во Скопје, каде ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. По средбата е најавена и заедничка прес-конференција, закажана за 18:30 часот.
На 3 јуни, претседателот на Европскиот совет ќе престојува во Приштина, каде ќе разговара со вршителката на должност претседател Албулена Хаџиу, премиерот во заминување Албин Курти и лидерите на опозициските партии.
Турнејата продолжува на 4 јуни во Белград, каде Кошта ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на парламентот Ана Брнабиќ и претставници на граѓански организации.
Посетата ќе заврши во Црна Гора, каде претседателот Јаков Милатовиќ ќе организира свечена вечера во Тиват по повод 20-годишнината од обновувањето на независноста на државата.
На 5 јуни, Кошта ќе ко-претседава со Самитот ЕУ–Западен Балкан, чија централна тема ќе биде „Заеднички просперитет и стабилност на Европската унија и Западен Балкан“.
Од Европскиот совет информираат дека во сите градови ќе бидат организирани прес-настани, а видео и фото материјалите од посетите ќе бидат достапни преку медиумскиот центар на Советот.
