Претседателот шокиран од одлуката за Мијалков – Заев: Што е следното? Само уште Груевски да се врати на бел коњ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Одлуката на Апелациониот суд за повторно судење на случајот „Таргет-Тврдина“ против екс-шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков предизвика видно незадоволство во јавноста и жестоки реакции. Претседателот Стево Пендаровски вели дека е шокиран од одлуката на скопскиот Апелационен суд.

„Шокиран сум од одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“. Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата“, вели Стево Пендаровски.

Поранешниот премиер Зоран Заев укинувањето на првостепената пресуда и враќањето на случајот од почеток го смета за исмевање со борбата која, како што вели, имала за цел уривање на алчните арамии од режимот.

„Што е следно? Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? И утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам. Ги повикувам сите надлежни од и околу правосудството, сите, со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден“, порача Зоран Заев.

Според екс-шефот на дипломатијата, Никола Димитров, ваквата одлука е срам за судството.

„И не, нема ЕУ ниту САД да ни го решат овој проблем. Можат да помогнат, но проблемот ќе мораме да го решиме ние, граѓаните, борејќи се против партизацијата. Сѐ додека за способните и чесните нема место поради партиски лојалните, нема излез од овој грд круг“, додаде Никола Димитров.

Веднаш уследи и реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Во Македонија нема случај каде правдата победила докрај, порачуваат од партијата на Мицкоски.

„За сите постапувања на судот и обвинителството одговори треба да се побараат во судството и Владата на Ковачевски и неговите сопартијци кои градеа кариери на овој случај, како и од Ахмети и ДУИ кои се активни партиципиенти во истата Влада и ја споделуваат одговорноста за корумпираното судство. Едно е сигурно и очигледно во Македонија, а тоа е клиентелизмот, корумпираното судство и обвинителство преполно со кадрите на ДУИ и СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

По укинувањето на пресудата од страна на Апелација, незадоволство изрази и вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска. Можно е застарување на делото кое значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права, рече вчера таа. Одлуката ја донесе Советот на судии на чие чело е Јани Нича, а членови се Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева, Лидија Чачева.