Управниот суд ѝ ги врати на општина Тетово ингеренциите за гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Според раководителот на Секторот за образование во општина Тетово, ваквата одлука е само потврда дека Министерството за образование незаконски ѝ ги одзело ингеренциите на општината.
„Управниот суд во својата концизна, децидна и категорична пресуда констатираше дека Министерството за образование и наука постапило спротивно на Законот за средно образование, дека Министерството за образование и наука донело целосно неправилна и незаконска одлука за укинување на ингеренциите на градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами и дека Министерството за образование и наука воопшто не пристапило кон проверка на фактите и доказите кои би претставувале основа за донесување на одлуката со која на градоначалникот му се одземени надлежноста и ингеренциите за гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, вели Ваљедин Адеми.
Министерот за образование, пак, Јетон Шаќири, вели дека оваа одлука на Управниот суд треба да се разгледа, бидејќи во рок од една година донел две спротивни одлуки. Додава дека за ова училиште МОН има донесено две одлуки, од кои едната е обжалена пред Управниот суд, по што судот донел позитивна одлука за министерството.
„Го знаеме и фактот дека без оглед на одземањето на ингеренциите, гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ има именувано директорка и согласно Законот за средни училишта секое назначување и разрешување мора да биде направено согласно Законот за средно образование“, порача Јетон Шаќири.
Доколку во конкретниов случај повторно се докаже дека има кршење на закон…оваа одлука што ја донесовме, не е врз основа на одлуката на Министерството за образование, туку врз основа на проценката на Просветниот инспекторат, кој констатирал повреди од страна на општината во многу постапки.
Шаќири најави дека секоја друга законска мерка ќе зависи од дејствијата што ќе бидат преземени или од општината, или од раководството на гимназијата.
