Превирања за антиковид вакцините – Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повторно превирања на релација власт – опозиција за анти-ковид вакцините. Овој пат ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците го обвинија Министерството за здравство за нерегуларности при набавката на вакцините од Кина.

Двете опозициски партии велат дека по објавувањето на преписката на МЗ со фантом-компанијата од Хонгконг за набавка на кинеските вакцини, се докажала криминалната шема на власта.

Од Алијанса за Албанците, велат дека во оваа ситуација најлогично би било ресорниот министер Венко Филипче и премиерот Зоран Заев да поднесат оставка.

„Дури и во ова време на криза кога се заразуваат илјадници граѓани, а тие бројки се зголемуваат секој ден, кога за жал се зголемува и бројот на граѓани кои ги губат своите животи, министерот Филипче и премиерот Заев немаат намера да обезбедат вакцини на редовна основа, туку се пазарат и за поволни цени и вложувања надвор од која било човечка норма“, истакна Артина Ќазими.

Но, од Министерството за здравство децидно негираат вакво нешто.

„ВМРО ДПМНЕ свесно сака политички да профитира по цена да се наруши договорот за набавка на вакцини и по цена на здравјето на граѓаните. На помош на опозициската партија се и некои медиуми кои единствено од за нив разбирливи причини објавија таканаречен документ, кој е лажен, на ниту еден начин не е поврзан со процесот за набавка на вакцини, како што сакаат да и прикажат на јавноста“, велат од Министерството за здравство.

Во соопштението се додава дека во нивниот „доказ“ се спомнува и сума која е лажна, иако сакаат да ја прикажат како цена за купување на вакцините. Инаку, италијанскиот весник „Ла Верита“ објави две писма од министерот Филипче адресирани до кинеската компанија „Синофарм“. И двете писма, според весникот, оделе преку фирмата „Старби интернешнал“ во Хонгконг која нема медицинско, ниту фармацевтско портфолио.