Превозниците денеска протестираат пред Делегацијата на ЕУ во Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Превозници организирани од асоцијацијата „Макам Транс“ денеска од 12 до 14 часот ќе протестираат пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Протестот е предупредувачки и се одржува во пресрет на состанокот на Работната група во Брисел, од кој превозниците очекуваат решение за нивниот статус во однос на правилото 90/180. Според ова правило, државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена.

Пред Делегацијата на ЕУ ќе бидат паркирани околу 20 камиони, а на протестот ќе присуствуваат сопственици на транспортни компании, возачи и работници од различни делови на земјата. Слични протести ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Од „Макам Транс“ велат дека доколку на утрешниот состанок во Брисел не биде најдено привремено решение, на 14 септември би можеле да бидат организирани протести и на граничните премини во одделни земји.

Според асоцијацијата, со овој проблем се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од Северна Македонија, додека на ниво на Западен Балкан бројката достигнува околу 100.000 возачи.

Во меѓувреме, Министерството за транспорт информира дека работи на изнаоѓање решение преку билатерални договори со земјите од Шенген-зоната.

Според министерот Александар Николоски, договори веќе се постигнати со Швајцарија, Хрватска и Романија, додека се работи на постигнување договори и со Австрија, Словенија и Германија.