Приходите во буџетот намалени – Бектеши уверува: „Ова не е најцрното сценарио“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Намалување на приходите во Буџетот за 13,9 проценти во однос на истиот период лани. Истите сега како што соопштуваат од министерството за финансии изнесуваат 14,2 милијарди денари. Кај даночните приходи се бележи месечно потфрлање  и тоа кај ДДВ-то од 14,3 проценти, кај акцизите од 25 проценти, данокот на добивка од 28,9 проценти и персоналниот данок на доход од 10,4 проценти. Единствен раст е забележан само кај увозните давачки од 7,9 проценти. Дали ваквата состојба значи и пад на економијата и намалување на економската активност? Министерот за економија Крешник Бектеши  одговара-Ова не е најцрното сценарио.

„Согласно информациите кои јас како министер  ги имам се движиме во првото сценарио кое и не е најцрно сценарио што се однесува до приходите на државата. Ние не застануваме тука веќе  се реализираат сите мерки од првите три сета економски. Во моментов се работи и на нов четврт економски сет“, истакна Крешник Бектеши.

„Ќе се дефинираат поединечни сектори каде  би имало потреба за поголема поддршка од страна на државата , ќе се направат секако и даночни реформи и директно субвенционирање на компаниите кои би биле храбри во 2021 година да инвестираат“, додава Бектеши. 

Земајќи го во предвид  досегашното искуство од справување со Ковид 19 и последиците кои  ваквата појава ги остава врз економијата, Владата рече Бектеши, е подготвена и во иднина да реагира со соодветни мерки . Бектеши денеска беше гостин во Стопанската Комора на Северозападна Македонија каде од страна на претседателот Неби Хоџа му биле преставени приоритетите од економската  платформа.

„Реформите во институциите, мерките за закрепнување на економијата, економскиот стабилен сектор кој треба да се поттикнува за да ја одржи економијата жива, мерките против Ковид 19, одржувањето на работната сила која е неопходна и која треба да остане во земјата и делот на инфраструктурата која е една од приоритетите за закрепнување и економски развој на земјата“, посочува Неби Хоџа.

Инаку, еден од главните приоритети на новата влада, како што најави премиерот Заев во своето експозе во Собранието, ќе биде ублажување на последиците предизвикани од Ковид-19 и задржување на работните места.