Помош од 100 илјади заштитни маски и 5 илјади скафандери за справување со корона вирусот, пристигнаа од унгарската влада. Помошта беше испратена со специјален воен карго авион со кој дојде и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. Тој на скопскиот аеродром беше пречекан од вицепремиерот Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Унгарија покажа несебична солидарност и поддршка кон нашата земја во вакви застрашувачки времиња, изјави Османи.
„Унгарската држава наоѓа начин и покрај сите рестрикции да дистрибуира помош за нашиот здравствен систем и ова навистина ќе биде ценето од граѓаните и од државата. Но исто така, сакам да се заблагодарам за одлуката на Европската унија за започнување на преговори и улогата на Унгарија во таа одлука и особено комесарот Вархеи, кој имаше и личен придонес“, истакна Бујар Османи.
Унгарскиот шеф на дипломатијата на заедничката прес конференција со својот македонски колега Никола Димитров упати честитки за членството во НАТО и стартот на преговорите со Европската Унија при што истакна дека очекува преговарачката рамка да биде затворени најдоцна до мај со што и официјално почнуваме со преговорите. Рече дека координацијата на ЕУ за борба против корона вирусот беше задоцнета, а потсети и на мигрантската криза со што рече дека Унгарија ќе продолжи да помага за заштита на границите.
„За жал координацијата меѓу државите членки на Европската унија била многу бавна и затоа државите членки беа оставени сами да се справуваат. Секако ние ги поддржуваме сите настојувања на Европската унија на државите од Западен Балкан да им пружат што поефикасна помош“, додаде Петер Сијарто.
Очекувам помош од сите наши пријатели, рече Димитров според кој дел е веќе пристигната а од други ни е ветена поддршката за справување со корона вирусот.
„Јас овие денови разговарав со многу од моите колеги, со амбасадорите тука, разговарав на пример со Шведска за реалокација на развојната соработка со Шведска во однос на поддршка за малите и средни компании. Разговарав и со Берлин со колегата Михаил Рот и испратив една консолидирана листа на потреби“, додава Никола Димитров.
Сијарто се сретна и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски , кој му заблагодари на помошта, но и овој пат рече дека сме ја добиле поради тоа што тој ја побарал.
