Пристигна првата транша од ЕУ – Муртезани: Префрлени 52,4 милиони евра од планот за раст

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија ја доби првата транша во износ од 52,4 милиони евра од претфинансирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од Европската унија за земјава. Ова всушност е 7 проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка од ЕУ која изнесува 750 милиони евра и практично ова е аванс за спроведување на реформите. Министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани рече дека Македонија е прва земја во регионот која ги доби овие средства.

Од овие 52 милиони евра, 24,4 милиони евра веќе се легнати на сметката на Министерството за финансии во Народната банка, информацијата ми е потврдена и со гувернерката, 15 милиони евра кои што се грант се директно префрлени во WBF  а останатите 13 милиони евра кои што се за проекти меѓутоа се заем се во процедура на исплата од Европската комисија“, вели Орхан Муртезани.

Но, што доколку не се исполнат бараните реформи, Муртезани вели дека во тој случај добиваме дополнителен период за исполнување на обврските.

Согласно регулативата ако ние одредена реформа не успееме да ја спроведеме до јуни, тоа значи дека од јуни стапува на сила грејс периодот од 12 дополнителни месеци. Во текот на тие 12 дополнителни месеци ние ќе треба да ги завршиме сите преземени обврски. Меѓутоа се што се пролонгира, односно се што влегува во грејс период значи дека сите актуелни реформи кои што не се имплементирани и следните што треба да дојдат ќе се собираат на крај“, истакна Орхан Муртезани.

Европската унија во октомври минатата година обезбеди финансиска поддршка за земјава во висина од над 215 милиони евра како неповратни средства и над 535 милиони евра како поддршка за заем.