На 6 јули во Солунското пристаниште се очекува да пристигне преостанатиот дел од лесните оклопни возила „Страјкер“ од САД, а до крајот на јули тие треба да бидат доставени во земјава. Со тоа ќе се заокружи реализацијата на договорот со САД, вреден речиси 339 милиони евра, информираше министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
„Од новите договори со САД, сакам да информирам дека потпишаме договори за лесно пешадиско воружување, набавка на безпилотни системи „Пума“ и „Рејвен“, опрема за сајбер заштита на единициете за лесната пешадиска баталјонска група, опрема за сајбер заштита на Министерството за одбрана, опрема за џеј таг, за блиска воздухопловна поддршка, радио уредни, надградба на симулацискиот центар во Велес“, изјави министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
Исто така, потпишан е и договор за противтенковските системи „Џавелин“, чија испорака се очекува да започне следната година. Министерот за одбрана посочи и дека веќе се пристигнати артилериските системи „Боран“ од сојузничка Турција, како и дел од системите „Мистрал 3“, а целиот процес се очекува да заврши до крајот на годината.
Од друга страна, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, информираше дека се спроведуваат обуки за пилоти и техничари за повеќенаменските воени хеликоптери на италијанската компанија „Леонардо“, од кои првите два треба да пристигнат до крајот на годинава.
„Пакетот предвидува обуката првин да биде таму, а како што ќе ги добиваме хеликоптерите, така дополнително ќе се дообучуваат пилоти и техничари. Тоа е во првата фаза. Кога ќе се стекнат со потребното искуство и потребните сертификати, тогаш нема никаков проблем таа обука да ја реализираме и тука“, изјави генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Лафчиски истакна дека состојбата во Воздухопловниот ВИНГ е поместена од мртва точка и дека работите се движат во позитивна насока. Се работи и на оспособување на школските авиони, кои се дел од Воздухопловниот ВИНГ, за да можат да се користат за обука на нови пилоти.
Ова Мисајловски и Лафчиски го изјавија на заедничка прес-конференција на која го презентираа извештајот за нивниот двегодишен мандат. Тие говореа и за другите постигнувања на Армијата, кадровската состојба и буџетот за одбрана, кој, според министерот, е во одлична состојба. Во делот на инфраструктурните инвестиции, тој посочи дека од планираните 12 милиони евра, досега се реализирани проекти во вредност од над 3,1 милион евра.
