Основното јавно обвинителство Куманово обезбеди мерка притвор за 41-годишна жителка на Кратово, која е осомничена за спречување службени лица во вршење службени дејствија и за узурпација на локалитетот „Куклица“.
Според Обвинителството, осомничената подолг период незаконски го узурпирала локалитетот „Куклица“, кој со указ е прогласен за споменик на природата. Таа, без правен основ, им наплаќала влезници на посетителите, се расправала со нив и им упатувала закани, со што, како што наведуваат надлежните, постојано го нарушувала јавниот ред и мир.
При последниот инцидент, жената физички нападнала полициски службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат, поради што против неа се води постапка и за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
Обвинителството посочува дека против осомничената веќе се води постапка за продолжено кривично дело узурпација на локалитетот „Куклица“, при што ѝ биле изречени мерки на претпазливост, вклучително и забрана да ја посетува локацијата. Сепак, таа не ги почитувала изречените мерки.
Дополнително, според обвинителството, осомничената и претходно, заедно со нејзиниот сопруг, учествувала во спречување службени лица при извршување службени дејствија, овојпат кон пазарни инспектори.
Поради опасност од бегство и можноста да продолжи со извршување на кривични дела, јавниот обвинител побара определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и донесе решение со кое на осомничената ѝ е определен притвор.
