Во текот на изминатото деноноќие при контроли низ земјава, полицијата привела 18 возачи поради сторени сообраќајни прекршоци, односно за „безобѕирно управување со возило“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
„Од нив, девет возачи управувале возило под дејство на алкохол, и тоа од Штип, Прилеп, Демир Хисар, Битола, Куманово и Неготино. Кај возач од Куманово биле измерени 1,57 промили алкохол во крвта, при што тој агресивно се однесувал кон полициските службеници, додека возач од Демир Хисар, кај кого биле измерени 1,89 промили алкохол во крвта, предизвикал и сообраќајна незгода. Седум возачи управувале возило без положен возачки испит, од Куманово, Скопје, Битола, Гостивар и Општина Чашка. Меѓу нив се и двајца малолетници, од кои едниот управувал патничко возило, а другиот мотоцикл. Во истиот период, полициски службеници сопреле и двајца возачи, од Куманово и Скопје, кои управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување со моторно возило“, се наведува во соопштението. По целосното документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР велат дека продолжуваат со засилените контроли во сообраќајот, со цел санкционирање на несовесното и неодговорното однесување на учесниците во сообраќајот.
„Почитувањето на сообраќајните правила и прописи, одговорното однесување и целосното почитување на изречените мерки се од особено значење за спречување на сообраќајни незгоди и за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот“, порачуваат од МВР.
