Приведени Рашковски и сопственикот на „Инвока“ – за три години компанијата добила над 324.000 евра од Влада

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За три години компанијата „Инвока Гроуп“ од државата добила над 324 илјади евра преку јавни набавки. Според договорите, три од вкупно четири се склучени со Генералниот секретаријат на Владата и потпис на Рашковски. Меѓу нив е и софтверот, поради кој денеска беше приведен екс-генералниот секретар, како и сопственикот на „Инвока Гроуп“.

„Во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело“, велат од јавното обвинителство.

Рашковски ја договорил набавката на софтверот доставувајќи го како сопствен патент за кој дал и насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка.

„Со цел фаворизирање првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот. На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги“, се додава од јавното обвинителство.

Истата година во јули била доставена и фактура во вредност од над 80.000 евра, иако софтверот не бил имплементиран.

Премиерот кој изминативе денови стоеше зад Рашковски сега вели дека никој не е недопрлив и дека истрагата треба да покаже дали имало злоупотреби. Тој сепак смета дека набавката е законска.

„Спроведена е постапката целосно согласно закон, тоа што јас го видов, ако се покаже спротивно тогаш ќе се докаже дека истражните органи имале поинаку гледање, ама на крајот е судот тој што треба да пресече“, истакна Зоран Заев.        

Опозицијата вели дека одамна реагирале за овој криминал.

„Уште пред 2-3 години ВМРО-ДПМНЕ алармираше дека кај Рашковски има индиции за сторен криминал. Но бидејќи беше најдобар другар на Заев за него законот не важеше, дали сега ќе важи, ќе видиме од оваа постапка“, посочи Антонио Милошовски.

Рашковски е поранешен генерален секретар, а сега веќе и поранешен секретар за мониторинг и поддршка. Неколку пати во својот мандат ја обвинуваше опозицијата. Досега неколку пати се извинуваше во јавноста, а против него се водат уште неколку истраги во Обивнителство и отвотени предмети во Антикорупциска.