Викенд населбата на Попова Шапка во Тетово и понатаму запуштена – со неисчистени улици, дупки и смет на влезот на населбата. Министерот за економија, Крешник Бектеши бара локалната власт да соработува со цел да се изнајде соодветно решение за проблемот.
„Со претходната градоначалничка на општина Тетово и раководството на општината разговаравме за овие проблеми и бевме во завршна фаза да ги реализираме, било кога станува збор за подобрување на патната инфраструктура на викенд населбата, било за подобрување на јавното осветлување, но исто така и за зголемување на капацитетот за паркирање. Го повикувам актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами да ја продлабочи соработката со централните институции со единствена цел – заедно да работиме на проекти кои се во интерес на граѓаните и посетителите на Попова Шапка за да го зголемиме бројот на туристите“, вели Крешник Бектеши.
Директорот на „Елем Турс“, Адем Авзиу вели дека општината е таа која треба да изнајде решение за отпадот.
„Отпадот кој се наоѓа на влезот на Попова Шапка е реалната слика со која се соочуваат посетителите. За ова прашање би било најдобро да ја прашате општина Тетово и јавното претпријатие кое управува со отпадот и тие да ги решат овие проблеми“, додава Адем Авзиу.
Од општина Тетово велат дека се во процес на идентификување на проблемите во оваа населба која е под нивна надлежност. Истовремено му порачаа на министерот да не се занимава со ниски дневни политики, додавајќи дека власта и порано имала време да побара одговорност за овие проблеми.
„Ние го испративме инспекторатот на Попова Шапка за да ги идентификува проблемите и да даде одржливо законско решение согласно надлежностите на општината. Во овој случај ќе се запазат сите законски процедури и мерките ќе бидат во оваа функција. Истото важи и за отпадот. Многу брзо ќе имаме решение. Проблемите кои се таложеле со години не треба да се злоупотребуваат за барање одговорност преку дневни политички изјави, бидејќи истите бараат одржливо решение кое е во тек“, посочуваат од Општина Тетово.
Иако Попова Шапка е во делот на Националниот парк „Шар Планина“, во последно време бројните градби предизвикуваат вистински урбанистички хаос.