Во блок трансакција вредна 564 милиони денари (9,1 милиони евра) вчера на Македонската берза се продадоа 50.953 акции од „Македонијатурист“ АД Скопје коишто претставуваат 11,27 проценти од основната главнина на друштвото. Акциите се продадоа по цена од 11.070 денари за акција, којашто е значително повисока од просечната цена по која се тргуваа акциите на компанијата во изминатиов период. Со ова продолжува низата големи блок транскации со акциите на компанијата овој месец. „Блумберг Адрија“ пред две недели пишуваше дека тетовската градежна компанија „Изо стоне“ (Izostone) влезе во сопственичката структура на „Македонијатурист“.
Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, тетовската компанија купила 6,62 проценти од вкупниот број акции на „Македонијатурист“. Тогаш, тетовската компанија им се придружи на уште пет акционери кои поседуваат над пет проценти од акциите во „Македонијатурист“. Тоа се Доне Таневски кој поседува 23,40 проценти од вкупниот број акции на компанијата, „Сава пензиски фонд“, во чија сопственост се 8,80 проценти од вкупниот број акции, „Македонијатурист“ (10 проценти), Соња Бибановска (11,27 проценти) и Симеон Павлов (5,01 проценти).
