Продаден хотел „Бристол“ во центарот на Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден од најпознатите симболи на старо Скопје, хотелот „Бристол“ во центарот на главниот град, доби нов сопственик. АД „Македонијатурист“ го продаде објектот, а според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, како нов сопственик е запишана компанијата ГМ Проперти.

Вредноста на купопродажбата засега не е објавена. Можно е сумата да биде позната во следниот период, доколку биде објавена како информација преку Македонската берза.

ГМ Проперти е компанија основана во октомври 2024 година за услужни дејности. Според достапните податоци, фирмата во текот на минатата година немала пријавени приходи, но евидентирана е финансиска изложеност преку банкарско кредитирање од околу пет милиони евра.

Единствен сопственик на компанијата во моментов е Емил Кратовалиев, член на Управниот одбор на осигурителната компанија „Уника“. Како основач заедно со Кратовалиев бил наведен и Зоран Антиќ, сопственик на „МГ Фешн“ и акционер во „Македонијатурист“, но тој излегол од сопственичката структура минатата година.

Продажбата на „Бристол“ следува по одлуката на „Македонијатурист“ да ги отуѓи хотелите „Бристол“ и „Јадран“, познат како „Арапска куќа“, како и дополнителен недвижен имот во централното градско подрачје.

Одлуката била донесена на седница на Собранието на акционери одржана на 22 мај, а информацијата била објавена преку Македонската берза.

Хотелот „Бристол“ е еден од најстарите сочувани хотелски објекти во Скопје. Изграден е во 1923 година по иницијатива на познатите скопски трговци Атанас (Ташко) и Ристо Караџа, а свечено бил отворен на 24 април 1924 година.

Објектот се наоѓа на улицата „Македонија“, во близина на старата Железничка станица, а низ децениите бил место каде престојувале патници, трговци, дипломати и јавни личности.

Со своите 33 соби, ресторан и придружни содржини, „Бристол“ со години бил еден од препознатливите центри на скопскиот урбан и боемски живот.

Продажбата на хотелот отвора прашања за неговата иднина, особено поради историското значење на објектот и неговата улога во културното наследство на градот.