Продолжува попустот на горивата до 18 мај и тоа два денари за бензините и три денари за литар гориво. Ова е епилогот откако Владата го постигна договорот со ОКТА, за кој како што рече премиерот Христијан Мицкоски бил воден со напорни и тешки преговори со цел ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и бизнисите. Тој исто така рече и дека се проверува податокот дека некои фирми кои ги користат повластените цени, вршат реекспорт на горивата во други држави кое го нарече шпекулативно однесување.
„Важно е дека попустите продолжуваат за сите оние компании кои што практично добиваат од ОКТА бензин и дизел. Она што мене ме изненади а го проверуваме дали е точно е фактот дека некои од компаниите кои што го користат овој попуст прават реекспорт на бензините и дизелот во соседните држави. Јас апелирам ако е тоа точно а проверуваме дали е точно дека нема потреба тоа да го прават бидејќи ние не ги затворивме границите за граѓаните од нашите соседи“, вели Христијан Мицкоски.
Во однос на мерките Мицкоски рече дека тие остануваат, односно намалувањето на ДДВ-то и на акцизите.
„Во овој момент остануваме на мерката намалено ДДВ за бензините 95 и 98 октански на 10%, остануваме на мерката намалени акцизи, просекот кој што е на Плац ФОБ Италија за бензините ќе значи намалени акцизи за 2 денари литар а за дизелот ќе значи 4 денари за литар, она што се просек од втората половина на април, така ќе биде следниве две недели, а што се однесува на ДДВ за дизел горивата тоа ќе остане на 18%“, вели Христијан Мицкоски.
Експертите порачуваат Владата да донесе таргетирани мерки за загрозените категории граѓани за да ги заштити од инфлаторнииот удар од цените на храната, бидејќи како што истакнуваат инфлацијата ќе расте, храната поскапува и не се знае колку ќе трае кризата.
„Битно е да направиме мерки кои нема инфлаторно да дејствуваат и кој што ќе го поддржат посиромашните слоеви на населението, а највероватно гледате и бизнисот бара, особено оние кои што се врзани со високи трошоци со транспортот“, вели Тики Фити.
Инаку цената на суровата нафта на светските берзи повторно доживеа голем скок, како реакција на повлекување на Обединетите Арапски Емирати од ОПЕК Плус, но и на стравувањата дека конфликтот меѓу САД и Иран повторно би можел да ескалира.
