Тивко и мирно во Куманово. Дуќаните, објектите и институциите се затворени. Нема ниту еден граѓанин по улиците. Ваква атмосфера ќе владее во градот секој викенд, сѐ додека не помине пандемијата.
„Од синоќа со почеток од 21 часот до понеделник до 5 часот, Куманово нема да се излегува надвор, односно граѓаните ќе останат во своите домови 56 часа. Не смеат да излегуваат во градот, освен оние кои имаат итна потреба и оние кои мора да одат на работа. Оваа одлука беше донесена на 34-тата владина седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, поради брзото зголемување на бројот на заразените со Ковид-19 во Куманово“, вели репортерката на ТВ21
Првиот човек на општината, Максим Димитриевски, рече дека владината одлука за продолжен полициски час е соодветна, но задоцнета. Како што вели, Владата требала да ги информира граѓаните порано за оваа мерка. Од утре жителите на Куманово ќе можат телефонски да порачуваат храна, која ќе ја добиваат на домашна адреса.
Постарите лица и оние кои имаат итна медицинска потреба, можат да се јават на дежурниот број на Штабот за заштита и спасување. Димитриевски ги повикува граѓаните на трпение и разбирање. На владината одлука реагираше и Стопанската комора на северозападна Македонија. Од таму велат дека ваквата одлука е неприфатлива, бидејќи граѓаните биле известени само неколку часа пред да започне полицискиот час, што предизвика долги редици пред маркетите и тензична атмосфера меѓу купувачите. Предлагаа, во иднина ваквите одлуки да се објавуваат најмалку 48 часа пред да стапат на сила. Инаку, во изминатото деноноќие во Куманово се регистрирани 8 нови случаи на коронавирус, со што бројот на заразени во градот се искачи на 93. Кумановци, во текот на работните денови ќе смеат да се движат од 5 до 16 часот.
