Продолжен викенд, гужва на граничните премини, од 20 јули вацинирани ќе патуваме и во Германија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

И овој продолжен викенд беше причина голем дел од македонските граѓани да отпатуваат надвор од државата. По олабавувањето на мерките, топлото време и намалениот бројот на заразени, граѓаните се повеќе се одлучуваат да го искористат слободното време на морските плажи кај нашите соседи. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека и овој продолжен викенд се зголеми сообраќајната раздвиженост на граничните премини, што беше забележливо уште во текот на вчерашниот ден. Од таму велат дека околу десет илјади македонски граѓани во последниве 24 часа ја напуштија државата на продолжен викенд.

„На граничниот премин Богородица во текот на вчерашниот ден излез оствариле 4.702 патници од кои 2.345 македонски државјани, а денеска до 11 часот излез оствариле 2.692 патници, од кои 1.734 државјани на Република Северна Македонија“, рече Сузана Праниќ Талевска, портпарол на МВР.

Голем број на наши државјани заминаа и во правецот кон Албанија, односно 3.791 патник
Километарски колони беа забележани и на граничниот премин „Табановце“ каде стотици возила чекаа за влез во соседна Србија, а најголем дел од нив се упатуваат кон вакциналните пунктови во Врање, Ниш и Белград.

„Најголем излез е забележан на граничниот премин Табановце. Во текот на вчерашниот ден во периодот од 00 часот до 24 часот излез остварија вкупно 6 956 патници, од кои 4,003 македонски државјани. Од полноќ до 11 часот денеска, излез остварија 3.994 патници од кои дури 3.440 наши државјани“, додаде таа.

Европската Унија одлучи да ги олесни ограничувањата за патување на македонските државјани, на што се согласиле сите 27 земји членки на блокот. Сепак, официјалната одлука се очекува во наредните денови, кога Македонија ќе биде симната од списокот на држави во црвената зона. Како што информира Дојче Веле, Германија од 20 јуни ќе им дозволи влез во земјата на граѓани од земји кои не се членки на ЕУ ако се целосно вакцинирани против ковид-19, освен ако доаѓаат од ризична земја, соопшти германското министерство за внатрешни работи. Македонија беше тргната од листата на ризични земји во неделата, на 13 јуни.