Комисијата за финансирање и буџет во Собранието ја продолжи расправата по амандманите за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година. Во текот на првиот ден беа разгледани десетици предлози со кои се бараат дополнителни средства за Министерството за односи меѓу заедниците, зголемување на платите за вработените во Министерството за одбрана и припадниците на Армијата, како и дополнителни средства за општините и изградба на воени објекти. За ребалансот на буџетот се поднесени вкупно 224 амандмани, од кои 87 од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левица и 8 од ВЛЕН. Со предложениот ребаланс, буџетските приходи се планирани на 379,2 милијарди денари, додека расходите се предвидени на 425,2 милијарди денари. Капиталните инвестиции се очекува да достигнат околу 46 милијарди денари. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека ребалансот не е резултат на недостиг од приходи, туку на потребата за усогласување на буџетските проекции со актуелните услови во глобалната економија.
