Продолжуваат напорите за „крадење“ пратеници – 90 дена мир за Заев, ако опозицијата не обезбеди мнозинство

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Еден ден откако ја доби довербата на 62 пратеници од мнозинството, премиерот Зоран Заев вели дека е среќен. Верува дека оваа Владата ќе истрае четири години, но додава дека работи на зголемување на мнозинството.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, вели дека премиерот се лаже ако мисли дека купил 90 дена мир. Уставот предвидува дека во следните 3 месеци не може да биде покрената друга доверба, но не и во случај ако тоа биде побарано од најмалку 61 пратеник. И додека Заев се стреми кон зголемување на бројката во Собрание, ниту опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од идејата за формирање ново мнозинство.

Но, токму вчерашното гласање доверба покажа дека претензиите за ново мнозинство се клевета, вели пратеникот од редовите на ДУИ, Арбр Адеми, кој тврди дека мнозинството е конзистентно, а опозицијата дезориентирана.

„Тоа вчера беше потребен, а зошто да не кажеме и неопходен чекор на премиерот, искористувајќи го она што му го дозволува Уставот и им се стави крај на невистините, клеветите во јавноста дека наводно постои ново парламентарно мнозинство“, вели Арбр Адеми.

Тврдењата на власта и опозицијата треба да запрат, вели координаторот на пратеничката група на албанската опозиција, Скендер Реџепи. Тој додава дека пратениците од Коалицијата Алијанса/Алтернатив не се на продажба!

„6 месеци од завршувањето на изборите па сѐ до денес, во сите медиуми го слушаме истото: од опозицијата ќе преминат во Влада, од власта во опозиција… Овие игри треба да запрат. Пратениците не се на продажба!“, додава Скендер Реџепи.

Првиот човек на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со коментар за вчерашното гласање доверба.

Со оглед на тоа дека е во изолација, тој во изјава за Дојче Веле, рече дека вчерашниот спектакл на Заев многу брзо ќе му се врати како бумеранг. Заев купи само броени денови на Владата која дише на апарат, вели Мицкоски, убеден дека следниот пат прашањето за доверба ќе го постави опозицијата.