Продолжуваат оставките во Град Скопје – ВМРО-ДПМНЕ незадоволни од Арсовска, таа ги обвини за несовесно работење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оставките во Град Скопје не запираат ниту денеска. Кадар на ВМРО-ДПМНЕ поставен на директорски функции во јавните претпријатија на Градот, е незадоволен од работата и соработката со градоначалничката, Данела Арсовска.

Денеска оставки поднесоа директорот на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски и директорот на депонијата „Дрисла“ Јане Мицевски.

„Поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реализираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје“, вели Бојан Христовски.

„Како директор на депонијата „Дрисла“ сакам да посочам дека во овој десет месечен период откако го преземав претпријатието направив стабилизација и негова консолидација и отпочнав со процес на инвестиции кои се во насока на подобрување на работата на истото. Но, секој индивидуален успех на било кое претпријатие не е целосен доколку истото не добие поткрепа од колективитетот во кој Дрисла мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек“, порача Јане Мицевски.

Градоначалничката на Град Скопје, пак, Данела Арсовска вели дека таа лично побарала да си заминат сами, бидејќи таа секако би ги разрешила.

„Поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на градот Скопје, директорите добија понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени. Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери“, вели Данела Арсовска.

Но, од ВМРО-ДПМНЕ го велат спротивното. Уверуваат дека се незадоволни од начинот на менаџирање со градот од страна на Арсовска.

И додека директорите на ВМРО-ДПМНЕ еден по еден поднесуваат оставки, Алијансата за Албанците и понатаму ги држи местата во Град Скопје и покрај судирите што ги имаа со Арсовска во врска со разрешувањето на директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Зуди Кока.

Портпаролот на Алијанса, Наим Бајрами вели дека за ова прашање ќе се расправа на партиското Собрание кое ќе се одржи в сабота.

„Ние сме во малку покомплицирана ситуација во партијата, имаме свои партиски предизвици и повеќе сме фокусирани на тоа. Секако дека разговаравме и по одржувањето на Собранието ќе излеземе со одлуката и за тој дел. Воопшто не бегаме од одговорност“, порача Наим Бајрами.

Оставка од раководна позиција вчера даде и директорот на ЈП „Водовод и Канализација“, како и генералниот секретар на Град Скопје кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.