Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, инсистира првиот вицепремиер Артан Груби да одговори дали блиското раководство на СДСМ и ДУИ побарале помош од Будимпешта за уставните измени. Димитриевски пишува дека за понудената помош е побарано да се донесе законот, како што пишува тој, „законот за амнестија“.
-Дали е точно дека е одржана средба меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ на која е одлучено да се побара помош од Будимпешта?
Дали е точно дека на таа средба е одлучено лице за контакт со Будимпешта да биде г-динот Груби?
Дали е точно дека за помошта од Будимпешта, побарано е закон за “амнестија” (актуелните измени на членовите во КЗ) и обзбедување на дополнителен број на пратеници за уставни измени?
За местото на одржување на средбата меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ, и темите на истата, во некоја друга прилика.“, напиша Димитриевски.
Одговор за изјавите на Димитриевски побаравме од вицепремиерот Груби, но одговор не добивме. Во меѓувреме, Димитриевски пред два дена побара одговор од Груби за причините за неговата посета на Будимпешта. Прашање на кое Груби одговори во коментар на ФБ, демантирајќи ја неговата посета на Будимпешта.
„Сега кога ви пишав, ајде кажете им на вашите на Фејсбук, дали во Будимпешта беше договорено ВМРО да ги даде гласовите на локалните избори кога станавте градоначалник на Куманово. Но, кажи искрено, немој повторно да лажеш!“, напиша Груби.
Инаку, во јавноста кружат информации дека овие експресни измени на Кривичниот законик се на барање на поранешниот премиер Груевски кој би и обезбедил на власта пратениците да стигнат до 80-те гласови потребни за уставните измени.
