Оваа година се очекува да започнат работите на улицата „Цветан Димов“ во Чаир, еден од најпроблематичните булевари во градот, каде секојдневно владее сообраќаен хаос.
Проектот помина во Советот на Град Скопје, а за проширување на булеварот ќе треба да се експроприраат околу дваесет објекти, обврска што ја презеде градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Обврските за изработка на проектот ќе бидат на Општина Чаир, што го направивме синоќа со одлуката на Советот, преку воспоставување меѓуопштинска соработка, додека ние ќе го финансираме проектот, како и експропријацијата за целиот проект. Ова нема да биде проект… никогаш нема да дадам ветување што нема да го исполнам, ова нема да биде проект што ќе го завршиме за неколку месеци; таму нѐ очекуваат сериозни активности, најпрвин поврзани со експропријацијата, расчистувањето на трасата и сѐ што подразбира реализација“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Чаир во емисијата „Click Plus“ изјави дека за овој проект нема компромис, бидејќи, како што рече, станува збор за главна артерија на општината.
„Најкритичната точка е зградата што останала уште од времето на комунизмот, објектот спроти училиштето „Лирија“. Останатите… и тие што изградиле привремени објекти ги знаат црвените линии. И објектите што ќе се уриваат ќе бидат обесштетени, бидејќи има буџет од 2–3 милиони евра за обештетување. Тука нема компромис, затоа што ова е главната артерија на Чаир“, вели Изет Меџити.
Проектот е предвидено да се реализира на делницата од крстосницата со „Никола Карев“ до крстосницата со „Џон Кенеди“, со вредност од 150 милиони денари и рок за реализација 2026–2028 година. Во овој период треба да се решат неколку прашања: изработка на проектната документација, спроведување на експропријацијата на објектите, зачувување на дрвјата, како и планирање на централното зеленило.
