Професор Камбовски: Случајот „Пулс“ е особено тежок процес – „Сметам дека ќе дојде до диференцирање на оние кои навистина придонеле за трагедијата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Процесот со дискотеката „Пулс“ од Кочани во кој има голем број обвинети е тешко да се води и судот пред себе има илјадници страни докази кои треба да ги сублимира и да изведе заклучоци што е вистина за да донесе праведна пресуда. Ова за ТВ21 го изјави професорот Владо Камбовски осврнувајќи се на судскиот процес за трагедијата во Кочани во однос на тоа дали смета дека сите обвинети лица се одговорни за тешки дела против општа сигурност и како може сите тие да се соучесници во соизвршителство.

„Во текот на самиот процес јас верувам дека ќе дојде до диференцијација на оние кои што непосредно учествувале во самиот настан, имаат придонес за самиот настан, од оние што овозможувале услови макар и смислено или на небрежен начин. Проблемот е кај ваквите комплексни случаи на утврдување на каузалитетот, каузалната врска“, вели Владо Камбовски.

Во однос на одржувањето и на денешната Постојана Анкетна комисија но и најавената Анкетна комисија за Кочани по предлог на ВМРО-ДПМНЕ Камбовски вели дека таа ќе има свој значаен придонес доколку се фокусира на овие настани како симптом на владеењето на правото и одговорноста наместо можност за политички поени.

„Ако во тој дел Анкетната комисија ги разложи мирно проблемите што постојат во општеството и создаваат услови за не дај Боже повторување на вакви настани, таа може да даде значаен придонес во тоа. Ако успее да ја подигне свеста во општеството дека мора да постои владеење на правото, функционалност и одговорност на сите институции кои мора да функционираат во интерес на граѓаните, без партиски влијанија, без партизација, политизација и така натаму“, вели Владо Камбовски.

Процесот за трагедијата во дискотеката „Пулс“ започна на почетокот на овој месец, а паралелно со него се водат и дебати во Собранието со денешната седница на Постојаната Анкетна комисија и најавената Анкетна комисија по барање на пратениците од власта.