Новиот закон за високо образование стана камен на сопнување меѓу власта и професорската фела кои сметаат дека ова законско решение ќе ја урне автономијата на универзитетите. Премиерот Христијан Мицкоски со критики кон нив, вели дека не сакале да работат и се плашеле од новите критериуми за избор по звање.
-Сите оние политички шпекуланти коишто јавно кажуваат дека се против законот наводно на тој начин се нарушувала автономијата импровизираат и манипулираат. Тие сакаат да работат еден ден во неделата, сакаат плата 120 – 150.000 денари а не сакаат еден труд да напишат годишно, што им е работа, изјави премиерот Мицкоски.
Министерката за образование Весна Јаневска вели дека претходно биле прифатени дел од сугестиите, особено од факултетите за уметност.
-Да стигнаа одредени сугестии од уметничките факултети, јас и тимот имавме средба со деканите на трите уметнички факултети на „Кирил и Методиј“, се договоривме за една измена која сметав дека, не само јас, туку и целиот тим сметавме дека е оправдана и нивното барање беше оправдано и таа е вметната. После настанот вчера во Владата каде што имавме средба со 7-те ректори и присутни бројни професори од сите универзитети во земјата законот веќе е затворен и ќе оди во владина процедура, изјави Весна Јаневска, министерка за образование.
Од друга страна професорот Башким Зибери во емисијата Клик плус на ТВ21 вели дека забелешките од универзитетите не се земени предвид, а прашањето на автономијата дека всушност е врзана со универзитетскиот буџет.
-Еден дел од овие забелешки, почнувајќи од автономијата — автономијата за мене е малку помал проблем затоа што се засега само во финансискиот дел и мислам дека во последната верзија овој дел може да се елиминира, односно Министерството за финансии да нема директно влијание врз сопствениот буџет на универзитетите, изјави Башким Зибери, професор.
Вчера во Владата беше одржан координативен состанок за новиот закон за високо образование на кој присуствуваа и ректорите на универзитетите, кои дадоа поддршка на новото законско решение.
