По 6 месеци чекање, профункционира јавниот превоз во Тетово. 5 автобуси кои беа купени на кредит во 2021 година, конечно почнаа да сообраќаат низ улиците на градот. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами вели дека превозот се одвива нормално.
-Јас во меѓувреме се сретнав со Секторот за сообраќај за ослободување место на автобуските постојки и улиците каде што минуваат автобусите. Верувам дека ќе наидеме на нивно разбирање за да немаме дополнителни проблеми при сообраќањето на градските автобуси, туку тие да бидат олеснување во овој сообраќаен хаос, вели Касами.
Директорот на Претпријатието „Тетово-транспорт“, Рафиз Медија вели дека интересот на граѓаните за користење автобус е голем и додава дека и покрај покачувањето на цените, претпријатието не планира да ја зголеми цената на билетите.
-Верувам дека граѓаните добро го прифатија ова, бидејќи имаше доста интерес кај нив и до денес го користеа бесплатно, значи до викендот, а потоа јавниот превоз за граѓаните ќе се наплаќа. Иако цените се покачени, особено на нафтата, ние дневните, годишните и месечните билети нема да ги поскапиме, бидејќи не сакаме да го оштетиме џебот на граѓаните, вели Медија.
Билет за едно возење ќе чини 20 денари. Во категоријата А, месечниот билет за сите граѓани ќе чини 900, додека годишниот 9.000 денари. Б категоријата е за студентите, 350 – месечно, и 3.500 денари годишно. Исти цени се предвидени и за Ц категоријата која ги опфаќа пензионерите и лицата над 62 години. Категоријата Д се однесува на вработените во општина Тетово, за кои месечниот билет ќе изнесува 450, а годишниот 4.500 денари. Превозот ќе биде бесплатен за лицата кои се со над 80% попреченост.
