Прогресот на Македонија кон ЕУ останува недоволен – Вајц: Итна потреба од уставни измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Напредокот на Македонија во клучните реформи за членство во ЕУ останува недоволен – се наведува, меѓу другото, во извештајот изготвен од известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц. Документот ја критикува стагнацијата во владеењето на правото, реформите во судството и борбата против корупцијата, политичката поларизација и недостигот на меѓупартиска соработка.

„И покрај некои позитивни случувања, напредокот во реформската агенда поврзана со ЕУ во клучни области како владеење на правото, судски реформи и борба против корупцијата остана недоволен. Напредувањето на реформите во владеењето на правото не е само суштинско за приближување кон членството во ЕУ; тоа е исто така клучно за зајакнување на демократските институции што ефикасно им служат на сите граѓани“, изјави, меѓу другото, Томас Вајц.

Европратеникот бара итно да се обезбеди политичка волја за усвојување на уставните измени и за враќање на довербата на граѓаните во институциите.

„Постои и итна потреба од поголема политичка волја за надминување на тековниот застој околу усвојувањето на уставните измени. Во време на длабоки геополитички промени, Европа мора да остане обединета.“, вели Томас Вајц.

Нацрт-извештајот ја нагласува потребата од слобода на медиумите, борба против дезинформациите и поголемо вклучување на граѓанското општество во реформите. Покрај забелешките, се нотира напредок во Законот за енергетика и развојот на коридорите 8 и 10, но се бараат нови инфраструктурни инвестиции и усогласување на еколошкото законодавство. Исто така, се оценува усогласеноста на Македонија со заедничката надворешна политика на ЕУ и нејзината конструктивна улога во регионот.