Пронајдена нива со марихуана во тетовско, ТВ21 на местото каде беа конфискувани 100 стебла

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сокриени меѓу дрвја, покрај реката Вардар во атарот на селото Орашје, општина Јегуновце. Ова е местото каде тетовската полиција уништи околу 100 стебла марихуана. Екипата на ТВ21 во текот на денешниот ден отиде на местото каде, според сознанијата на полицијата, три лица од Скопје насадиле и одгледувале марихуана.

-Се наоѓаме токму на местото каде Секторот на внатрешни работи во текот на вчерашниот ден уништи околу 100 корени марихуана. Во истата акција се приведени и 3 лица од Скопје, а снимките покажуваат дека на местото сокриено во атарот на општина Јегуновце биле засадени стебла наркотични супстанци-јавува репортерот на ТВ21.

Портпаролот на тетовската полиција, Марјан Јосифовски, вели дека три лица се лишени од слобода под сомнение за одгледување марихуана.

Ова не е првпат припадниците на СВР-Тетово да најдат засадени стебла марихуана во овој реон, но секојдневно во полициските оддели се приведуваат лица осомничени за одгледување помала количина. Од снимките може да се забележи дека одгледувањето марихуана во Полошкиот регион е доста полесно, со оглед на тоа дека станува збор за планинско место.