Ниту една од двете компании кои го добија тендерот за набавка на респираторни машини, нема можност истите да ги достави во рокот наведен во јавната набавка – 30 денови.
„Поради ова, јавната набавка се поништува и ќе биде повторно распишана. Во меѓувреме, Република Северна Македонија доби 12 респираторни машини од Европската Унија со што се надополнија посточечките капацитети. Вклучувајќи ги новите машини што пристигнаа, во здравствените институции ширум земјата во моментот има на располагање преку преку 130 респираторни машини“, соопштија од министерството за здравство.
Требаше да се купат 31 респираторна машина и тоа 26 од Јужна Кореја и 5 од Германија. Цената на еден респиратор е околу 25 000 евра.
Но, од здравство додаваат дека во моментов се користат помалу од 10 проценти од респираторите со оглед дека на апарати за дишење се вклучени 11 пациенти.
На прашање на ТВ21, дали некој од пациентите кој бил поставен на респиратор е излечен, Филипче вели дека досега нема таков.
„Не, нема излекуван пациент на респираторна машина. Има повеќе пациенти кои подолг временски период, па сега се планира да се промени начинот на лекување кај лицата кај кои има знаци за закрепнување.“, изјави Филипче.
Во моментов во Македонија на располагање има околу 130, a доколку има потреба и приватните болници најавија дека своите капацитети со респиратори ќе ги стават на располагање.
Во изминатите 24 часа во Македонија регистрирани се нови 41 лица заразени со Ковид-19, со што вкупната бројка на заразени се искачи на 1367 лица. Починаа 2 лица, а оздравени се 37 заболени од нив 2 на болничко лекување и 35 кои се лекувале во домашни услови.
Моментално нема докази дека оние кои заздравеле од коронавирусот се стекнуваат со имунитет, објави Светската здравствена организација.
„Дури и ако имаат антитела против КОВИД-19, тоа не значи дека овие лица се заштитени од повторно заразување“, соопштија од СЗО.
Постои раширено мислење дека луѓето кои заздравеле од коронавирусот развиваат антитела кои го напаѓаат вирусот и спречуваат повторно заразување.
СЗО изјави дека е против тоа на луѓето кои биле заразени да им се издаваат таканаречени „пасоши за имунитет“, сметајќи дека тоа може да го зголеми ризикот од ново ширење на заразата.
