Проширување на „Сејф сити“ – на удар и погрешното паркирање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Системот „Сејф сити“ ќе биде проширен со нови функционалности и во следниот период ќе опфаќа поголем број сообраќајни прекршоци, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, истакнувајќи дека главна цел е унапредување на безбедноста во сообраќајот и поефикасна контрола на прекршителите.

Според Тошковски, системот веќе не се ограничува само на детектирање на брзо возење, туку се користи и за утврдување на други видови прекршоци.

„И сега констатираме поголем број на прекршоци. Не е само брзо возење, туку и погрешно престројување, погрешно свртување, поминување на црвено светло“, рече Тошковски.

Тој додаде дека следниот период е предвидено системот дополнително да се унапреди, со што автоматски ќе се прошири листата на прекршоци што ќе можат да се регистрираат.

Една од првите следни фази, како што најави, ќе биде и воведувањето на санкционирање за погрешно паркирање.

„Во делот на погрешно паркирање, тоа ќе е една од првите фази кои ќе бидат имплементирани“, изјави министерот.

Тошковски појасни дека во целиот процес ќе бидат вклучени повеќе институции, со цел системот да се имплементира прецизно и без неправилности во казнувањето на граѓаните.

„Тука ќе бидат вклучени повеќе институции, бидејќи е многуброен прекршок, не сакаме, при нецелосно утврдени правила на игра, да имаме казнување на граѓаните. Затоа сме внимателни во овој дел“, изјави тој.

Како прва фаза за примена на проширениот систем, министерот ги посочи главните сообраќајници во главниот град.

„Прв таргет за имплементирање, односно детектирање, ќе бидат главните крвотоци во градот Скопје, односно булеварите“, додаде Тошковски.