Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан останува стратешки приоритет на Европската унија. Ова е првата точка од заклучоците кои произлегоа од Самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан, кој заврши денеска во Брдо кај Крањ, Словенија.
„Прво, слушајќи ја дебатата и коментарите на лидерите, огромно мнозинство изразија поддршка за процесот на проширување, најважно со чекор напред со Албанија и Северна Македонија, дури и најскептичните. Ова е многу јасен сигнал. Свесна сум за фактот што се уште мораме да ги решиме билатералните прашања помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Убедена сум дека ќе најдеме решенија, но силна поддршка од сите беше важна“, истакна Урсула Фон Дер Лајен.
„Вчера имавме неформална вечера за геополитичкото владеење на ЕУ. А, денеска имавме самит за Западен Балкан. Ова е конкретен пример, ако сакаме да бидеме повеќе присутни, повеќе одлучни, мора исто така да ја земеме во предвид состојбата во овој регион и да видиме како можеме да испорачаме повеќе рзултати. Имате право ова е долга декларација, бидејќи ова е декларација на конкретна посветеност, конкретна посветеност и ќе ја имплементираме. Ние сме партнери, ние имаме домашна задача, тие имаат домашна задача и ќе соработуваме и ќе се координираме“, вели Шарл Мишел.
Покрај лидерите на 27 земји-членки на ЕУ, дел од Самитот беа и лидерите на шесте земји од Западен Балкан, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев, кој уште утрово се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а исто така оствари средба и со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот Претседател, Емануел Макрон. Заев на средба и со Претседателот на Бугарија, Румен Радев.
„Пораките од претседателот Макрон и канцеларката Меркел се јасни. За решенија треба поглед напред, а не копање кон минатото. Но, за жал не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбрал да порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост не може да ги оправда блокадите. Мојот народ мене ми даде мандат да создадам решенија, но не ми дал мандат да оправдам политики од минатиот век. До сега не постои земја членка на ЕУ која има било каква забелешка за нашите реформи“, истакна Зоран Заев.
Но, Бугарија сѐ уште не е подготвена да каже „да“ за Скопје да ги почне преговорите со ЕУ, а со тоа ја блокира и Албанија. Бугарскиот Претседател, Румен Радев, денеска говореше за искоренување на говорот на омраза од страна на Северна Македонија, но исто така побара и вметнување на Бугарите во Уставот, како етничка заедница која живее во Македонија.
„Нашите позиции се јасни. Додека сето ова продолжува, нашите сонародници, како и во годините назад, се уште се подложени на асимилација, доколку и натаму им се ускратуваат основните права и доколку не бидат целосно интегрирани во Северна Македонија како останатите народи, ние нема зошто да кажеме ДА за почеток на преговорите. Сакам да потенцирам уште нешто што им кажав на Меркел и Макрон. Кршењето на правата на македонските бугари, кои се граѓани и на Република Бугарија е и проблем за самата Европска унија, бидејќи кога се граѓани на Бугарија, тие се граѓани и на Европската унија“, рече Румен Радев.
Вреди да се истакне и фактот дека сѐ уште има земји скептици за проширувањето, како што е Франција и Холандија. Исто така на овој Самит стана збор и за заздравување на економијата и спроведувањето на Економски и инвестициски план кој тежи 30 милијарди посветени на земјите од Западен Балкан. А што се однесува до почетокот на преговорите на Албанија и Македонија со ЕУ, останува да се види како ќе се одвива во следните месеци, особено во преговорите меѓу Скопје и Софија за постигнување договор кој ќе го ослободи патот на Скопје кон евроинтеграцијата. За ТВ21 Бесир Арифи, од Брдо кај Крањ, Словенија.
