15 луѓе, без маска, во затворен амбиент… Сите функционери од редовите на ДУИ.
Вака се промовираа новите простории на Министерството за политички систем, ден кој се совпадна и со роденденот на лидерот на интегративците, Али Ахмети.
Самата партија се погрижи да информира дека „На роденденот на Али Ахмети-Артан Груби го промовира објектот на министерството“.
Не недостигаше ниту роденденската торта. Освен што беа без маски, канцелариите на јавна институција беа искористени за прославување роденден. Но, функционерите на ДУИ, тоа не го гледаат на таков начин:
-Немаше славење роденден.
-Торта со…?
-Не, не, беше изненадување од еден вработен што никој не може да го предвиди…
Како Османи, така и првиот вицепремиер, Артан Груби, вели дека немало прослава, дека протоколите се запазени и дека немало кршење на закон.
-Протоколите беа запазени. Тоа беше само еден момент кој не траеше подолго од 10 секунди и во тој правец мислам дека сѐ беше во ред, бидејќи вие не можете да предвидите кога некој би можел да приреди такво изненадување. Така што, мислам дека треба да се направи разлика меѓу испраќање порака, што мислам дека е грешка, и непочитување на законот за што мислам дека немаше никакво непочитување-рече Османи.
-Фотографијата објавена од министерот за надворешни работи г.Бујар Османи беше само еден момент за заедничка снимка при мало изненадување што колега го приреди за господинот Ахмети, слично како и минатата година во Собранието, искористувајќи го неговото присуство-вели Груби.
Сепак настанот нема да заврши тука. Претседателката на Инспекцискиот совет вели дека случајот ќе се истражи.
Согласно владината одлука, носењето маски е задолжително, како на затворено, така и на отворено и никаде не е прецизирано дека истите можат да се тргнат макар и на неколку секунди, колку да се направи фотографија.
