Астронаутите на Меѓународната вселенска станица добија наредба да се засолнат во своето вселенско летало и да се подготват за можна евакуација, додека рускиот екипаж се обидува да го поправи зголеменото истекување на воздух во нивниот дел од орбиталната лабораторија, објави американската вселенска агенција НАСА.
Командата од контролата на мисијата на НАСА беше примена во петок во 15:04 часот по македонско време од страна на четири астронаути од мисијата Crew-12 – двајца американски, еден француски и еден руски космонаут.
Според официјален претставник на НАСА, им било наредено да влезат во нивното вселенско летало „Кру Драгон“, кое е приклучено на станицата, и да облечат вселенски одела во случај протекување на воздух да бара итно заминување.
НАСА и руската вселенска агенција Роскосмос, двата главни оператори на станицата, со месеци разговараат за причината и можните решенија за малите протекувања на воздух на сервисниот модул на руската „Звезда“. Тој е клучна компонента на лабораторија со големина на фудбалско игралиште што орбитира околу Земјата.
Протекувањата беа релативно мали во последните месеци, но проблемот се влоши во понеделник. Висок функционер на НАСА изјави за Ројтерс, под услов да остане анонимен, дека загубата на воздух се дуплирала од околу 0,45 кг на 0,9 кг дневно.
