Протест и петиција пред УЈП во Куманово – поранешни работници во Авганистан и Ирак треба да платат данок за 2020 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешни работници во земјите од Блискиот Исток како цивилен персонал, кои служеле во американските бази за време на војните во Ирак и Авганистан,  протестираа пред Управата за јавни приходи во Куманово. Тие потпишаа петиција со која го оспоруваат данокот што УЈП им го пресметала за 2020 година, врз основа на нивните приходи од неколку стотици илјади долари.

„Не бегаме од даноци, но нема да прифатиме неправда и уцени од УЈП, по пет години да ни се наметнува данок“, изјави еден од демонстрантите, кои излегоа со транспаренти „183+1 ден – нерезидент“, повикувајќи се на Законот за персонален данок на доход, според кој лицата кои престојувале толку долго надвор од државата се ослободени од персонален данок од 10% на приходите.

„Во изминатите 24 години, откако започнаа проектите во Ирак и Авганистан, зборувам само за Куманово, мислам дека бројот на вработени таму беше 20–25 илјади лица. Сега, кога се вклучени во оданочување, моменталниот број е 3–4 илјади лица, можеби и повеќе бидејќи точно не знаеме. Ова се лица кои се оданочени од 2020 година наваму за платите што ги примале таму, но на некои им е ставен данок и на износот на обештетување. Кога ќе ги доставиш тие документи за обештетување, тие ги разгледуваат и сè уште се во постапка, и тоа може да биде проблем.“, вели Зоран Наковски.

Еден од учесниците на овој протест изјави дека се оданочуваат двојно, бидејќи според нив, компаниите што ги вработувале веќе им задржувале данок од платата во државите каде што работеле. Но, платите што редовно им легнувале на сметките во Македонија, како и обесштетувањата што подоцна ги добиле – од 200 до 500 илјади долари – биле оданочени и од Управата за јавни приходи во Македонија.

„Доказите што ги донесовме се пасошите со печати од сите држави каде што сме влегувале и излегувале. Пасошот има уредни визи, како што пишува ‘KBR’ – спонзор за работна виза во Ирак. Пасошот има печати и за времето на престојот таму, еве ја и втората работна виза, и секоја година ни ги обновуваа визите и личните карти, бидејќи како странци мораше да имаме идентификациска картичка. И сега прашувам: дали една мултимилијардерска меѓународна компанија би заштедила така што не би ни платила данок? Треба да докажеме дека таа компанија работела криминално.“, вели Жикица Миланов.

Од Управата за јавни приходи велат дека не станува збор за ретроактивен данок или нова законска одлука, туку за одредби кои од самиот почеток постојат во Законот за персонален данок на доход. Директорката на УЈП, Елена Петрова, изјави дека станува збор за универзален принцип кој важи во секоја даночна јурисдикција – секој резидентен даночен обврзник кој остварува приходи во странство мора да ги пријави и да го плати данокот во својата држава. Таа негира дека има двојно оданочување и уверува дека овие даноци се законски и мора да се платат во утврдените рокови.

„Така е и во нашата регулатива – македонските државјани, резидентни даночни обврзници, треба да го пријават и да го платат данокот за сите свои приходи, како во земјата така и надвор од неа. Значи, да повторам, не станува збор за ретроактивен данок или законски измени во однос на плаќањето на данокот од приходи од странство… И меѓународните договори што се склучени со одредени држави, не со сите туку со некои даночни јурисдикции, штитат од двојно оданочување, односно истиот данок да не се плаќа во двете држави“, вели Елена Петрова.

Поранешните вработени во земјите од Блискиот Исток се обврзани да го платат данокот најдоцна до 15 јануари 2026 година, во спротивно за секој ден задоцнување каматата изнесува 0,3% од износот на данокот. Тие велат дека некои веќе го платиле новиот данок бидејќи имаат бизниси и ризикуваат да им бидат блокирани жиро-сметките. Најавуваат жалби до Уставниот суд, а додаваат дека правда ќе бараат и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Исто така најавија дека следниот чекор ќе биде блокирање на патишта.