Протест на Кванташки пазар – поплаки за лоши услови, високи цени за кирија и паркинг

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Покачената цена на паркингот, киријата и тешките услови во просториите каде што работат, се причините поради кои протестираа закупците ма Кванташки во Скопје. Како резултат на овие услови, тие велат дека значително е опаднат бројот на земјоделци кои продаваат, а купувачите не доаѓаат бидејќи не им се исплати да патуваат и да плаќаат паркинг. Се жалат за новиот менаџер кој раководи со овој пазар на големо, за кого велат дека им се заканува. Апелираат до институциите за помош.

„1.600 денари за тоа место што го имам и денес, сега плаќам 100 евра за тоа место и посебно што плаќам друго кога ќе влезам со стока, воопшто не ги бројам, ги сметам за нормални, иако други пазари како и во Грција други места, имам посетено, влезот е бесплатен, нема врата ни ограда. Овие магацини што ги направија се инвестиција од трговците, има магацини,  има што вложил 100.000 евра, а плаќаме како да инвестирале тие“, вели Таџедин Идризи.

„Проблемот е што цената на плаќањата е многу зголемена за нас што имаме магацин, но и за камионите што доаѓаат секој ден, нашиот проблем е што на клиентите што доаѓаат, им се поставуваат услови. Треба да ја вратат празната амбалажа и за три празни пакети што ги купиле им земаат по 300 денари. За празни пакети им велат или да ги фрлат или да платат 300 денари“, вели Хисен Емини.

Пред четири години кога дојде новиот сопственик им беше ветено дека пазарот ќе се реновира, со модерен проект, но тоа не се случи. Екипата на ТВ21 не смееше да снима внатре во просториите на големопродажниот пазар. Раководителот на пазарот, Клодијан Ибрај, не сакаше ниту да се произнесе во врска со  незадоволството и обвинувањата за закани од трговците.

Трговците се жалат дека  овде нема ни санитарни јазли, бидејќи има само еден и е далеку од основните хигиенски стандарди. „Нема одделни тоалети за мажи и жени“, велат закупците и додаваат дека водата за пиење што била од водоводната мрежа на град Скопје е исклучена и наместо тоа е отворен бунар. Нема ни добра канализациона мрежа, па и со слаб дожд ни се поплавуваат улиците и магацините, се жалат, додавајќи дека во овие услови не можат да ја вршат основната дејност, односно да ја продаваат стоката.