Жителите на населбата Капиштец се собраа на протест против гласната музика која доаѓа од кафулето „Интермецо“, кое се наоѓа на просторот помеѓу густо населениот станбен блок во оваа населба и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
„Овде сме собрани соседи, поради тормозењето, поради малтретирањето последните десет и повеќе години. Од најурбана, најмирна населба, Капиштец се претвори во една модерна џунгла“, вели Горан Гацовски, жител на Капиштец.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски кој потсети дека е растен во таа населба, вели дека проблемот се таложи од година во година.
„За истиот, заедно со жителите коишто напоменаа дека сме имале средби – да, јас бев иницијатор, каде што се потпишуваше одредена петиција, која што беше доставена до сите институции коишто се релевантни, може да ни помогнат и нам како општина, за да се преземат мерки за конечно да се реши овој голем проблем со којшто се соочуваат жителите од Капиштец, а тоа е гласната музика во ноќните часови од некои од локалите“, изјави Герасимовски.
Револтираните жители велат дека ќе продолжат да бараат решение за проблемот со гласната музика, која ги вознемирува во ноќните часови повеќе години наназад.
