1 час ја блокираа улицата пред Кривичен суд. Протестираа барајќи правда. Роднините на Викотрија Николова која животот го загуби во сообраќајната несреќа кај Сити Мол бараат построга казна за возачот кој ја усмрти 24 годишната Николова.
Протестираа мирно, а на транспарентите пишуваше“Правда за Викторија“, “Признај ја вината и ослободи се“, “Возач убиец, судија без совест“.
Лилјана Николова, сестра на починатата Викторија, бара реална казна за обвинетиот Јордан Ѓорѓиев.
Казната од Кривичен суд обвинителката ја обжали пред Апелација. Адвокатот Владимир Михајловиќ очекува Апелација да ги разгледа доказите и да изрече казна која ќе биде поука за другите невнимателни возачи.
По протестот од Кривичен суд преку соопштение за медиумите велат дека претседателот на Судскиот совет при одредување на казната се водел по постоечките законски одредби за уредување на вакви кривични дела, сите олеснителни околности поврзани со губење живот, честотата на конкретни кривични дела, регресивното и превентивно влијание на пресудата.
-Cудот бил должен да ги земе во предвид и олеснителните оконости дека се работи за признание на вина од страна на обвинетиот, неговата возраст и околностите под кои е сторено делото, односно колку било прекорачена дозволената брзина на возење и фактот дека обвинетиот во моментот не бил под дејство на алкохол или опијати. Токму заради тоа конкретната пресуда неможе да се компарира со други, веќе правосилни пресуди, каде се изречени условни казни или казни од над 7 години, велат од Кривичниот суд.
Инаку Кривичен суд пред неколку дена го осуди на 3 години затвор 22 годишниот Јордан Ѓорѓиев кој пред ТЦ Сити Мол ја усмрти Викторија Николова а со телесни повреди се здоби нејзиното момче Леонид Даов. Ѓорѓиев ја призна вината на првото рочиште и изрази жалење за стореното дело. По одлежување на казната, на Ѓорѓиев му е одземена возачката дозвола во времетраење од 3 години.
