Вработените во компаниите за игри на среќа протестираа пред Собранието. Нивните здруженија повеќепати организираат протести против предлог-законот за коцкање и спортско обложување. Тие велат дека ако се усвои новиот закон, ќе биде оштетен економски сектор со повеќе од 10 илјади вработени, кој според претставниците на „АПИС“ и „AСОМ“ е најголем приватен работодавач во државата и од кој зависат над 350 милиони евра годишни буџетски приходи.
„Закон изработен на ваков начин во среден рок ќе создаде хаос во општеството кој тешко ќе може да се спречи. Затоа сметаме дека е неопходно да се соочиме со аргументите во законодавната зграда и најважно, јавноста да има точна слика каква штета ќе предизвика усвојувањето на овој Предлог-закон“, изјави Горан Стоименов, претставник на здружението „АПИС“.
Овие две здруженија поднесоа официјално барање до Собранието за организирање јавна дебата за Предлог-законот за игри на среќа. Во согласност со член 129, став 2 од Деловникот, тие доставија барање до претседателката, претседателот на Собранието, членовите на Комисијата за финансирање и буџет и координаторите на сите пратенички групи.
„Долго време игрите на среќа се мета на негативна кампања во која се изнесуваат разни клевети. Легалните објекти не се закана за младите! Закана за младите е популизмот, кој со затворање на овој економски сектор ќе ги направи младите лесна цел за нелегално коцкање што ќе се организира во подруми, а државата нема да има контрола“, изјави Горан Стоименов, претставник на здружението „АПИС“.
Со протестот тие се спротивставуваат на предлог-законот кој предвидува оддалеченост од 500 метри на казина, обложувалници и други форми на коцкање од основни и средни училишта и верски објекти. Од друга страна, антикоцкарските организации бараат објектите целосно да се дислоцираат надвор од градовите, на периферија, како во некои други земји, и да бидат интегрирани само во хотелски објекти.
