Со „жолти картони“ синоќа се протестираше пред Цементарница УСЈЕ во Скопје.
Насобраните граѓани тврдат дека фабриката загадува и го загрозува здравјето на скопјани.
Тие немаат доверба во мерните уреди на фабриката УСЈЕ, истакнувајќи дека ниту еден загадувач не може сам да признае колку загадува.
Доколку фабриката не се дислоцира, не се воспостави 24-часовен мониторинг и нема институционална реакција, демонстрантите најавија дека ќе ги радикализираат протестите. Нивните барања се испратени до повеќе од десет институции, со барање за брза реакција.
„Точно пред 6 години, заедно со група граѓански активисти, за првпат го блокиравме УСЈЕ. И тогаш требаше да им дадеме жолт картон, а сега заслужуваат црвен картон.
Цементарницата мора веднаш да се дислоцира, веднаш да се тргне оттука“, вели учесник на протестот.
Од Цементарница УСЈЕ ги негираат обвинувањата. Велат дека во последниот период двете печки не работеле, а сепак воздухот бил загаден, што според нив покажува дека тие не се главните причинители на загадувањето.
„Иако ТИТАН Усје не функционираше со полн капацитет, во петокот (16.01) највисокото ниво на ПМ10 честички достигна 275 микрограми на кубен метар, во саботата (17.01.2026) – 250, во неделата (18.01.2026) – 143, во понеделникот (19.01.2026) – 190 и во вторникот (20.01.2026) – 221 микрограм на кубен метар. Оваа состојба се повторува секоја година. Остануваме отворени за конструктивен дијалог со сите релевантни партнери за изнаоѓање трајно решение во интерес на сите“, велат од ТИТАН УСЈЕ.
По бројните барања за дислокација на фабриката и подобрување на квалитетот на воздухот, Градот Скопје ја поддржа иницијативата за преместување на фабриката надвор од урбаната зона, меѓутоа конечната одлука останува во рацете на Владата.
