Протест во Куманово, се бара правда за Алмир – „6 години исполнети со болка, сега и синовите ми ги земаат во затвор“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Половина час пред протестот за случајот Алмир, полицајците се подготвуваа за обезбедување на објектот на судот во Куманово. Веднаш после нив и организаторите почнаа да се подготвуваат за протестот. Протестот започна со извици “Правда за Алмир“. Демонстрантите бараа обвинетиот Бобан Илиќ да биде испратен во затвор а таткото на Алмир и неговите блиски да бидат пуштени на слобода.

„Тука сме од овој суд да побараме да ја разгледа повторно оваа одлука и да не се шегуваат со правдата, бидејќи револтот кој му се прави на  народот може да биде експлозија со непредвидливи размери. Ние сме притиснати до ѕид и немаме каде да одиме, затоа бараме од правда овој суд“, истакна Фуат Алиу.

„Сакав да им кажам и на институциите во Скопје, дека јас ќе одам во затвор, ќе излезам од таму, но да не мислат дека ќе остане на тоа. Уште еден ден, само еден ден да преспијам во затвор, јас никогаш нема да и простам на владата. Доста беше веќе“, посочи Сами Демири.

Таткото на Алмир, Седат Алиу кој што е казнет со 6 месеци затвор, на протестот потсети и на едно ветување кое пред изборите го даде актуелниот вицепремиер Артан Груби.

„Артан Груби беше тој кој не’ повика во неговиот кабинет и ни рече дека ќе се формира парламентарна комисија и до денешен ден, скоро 3 години, не е направено ништо. Што е проблемот со нив, се шегуваат со нас или собираат политички поени?“, додава Седат Алиу.

„Убиени, малтретирани 6 години, сега и синовите и внукот да ми ги одведат во затвор. Ова е правда? И да убијат и во затвор да испратат“, посочи Ќани Алиу.

Присутен на протестот беше и најголемиот брат на Алмир кој бараше правда за својот брат. Вакви протести ќе се одржат и во Скопје на 26 февруари, а револтот следи откако Апелација ја потврди казната од 6 месеци затвор за таткото на Алмир и 9 месеци за двајца негови роднини. Во меѓувреме Апелационен суд ја намали казната од 6 на 4 години за Бобан Илиќ кој со автомобил го усмрти малиот Алмир.