Протест за судски монтирани случаи – Ајдари: Ние сме мирољубиви луѓе кои само сакаат правда

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Како последниот пат, така и денеска во 13:30 часот демонстрантите почнаа да се собираат во паркот во Чаир. Со себе ги понесоа и транспарентите. Откако се собраа сите и пред да се упатат кон Влада, организаторот на протестот, Бедри Ајдари испрати порака.

-Мирно да се поредиме и да одиме да ѝ покажеме на Владата на Македонија дека ние сме мирољубиви луѓе кои сакаат правда-вели Ајдари.

Во текот на маршот, неколку граѓани му се придружија на протестот.
На полпат, кај мостот на Бит Пазар, неколкумина млади ги пречекаа демонстрантите со големо знаме кое го развеаја пред учесниците. За разлика од протестот кој се одржа на 26 февруари, овојпат демонстрантите успеаја да пристигнат до владината зграда, каде ги изнесоа нивните барања.

-Ние тука не бараме милостина, туку правда, европска, а не политичка правда, каде криминалот не се одредува по етничка припадност, туку по стореното дело. Во оваа држава се бараат Албанци на кои ќе им се монтираат случаи. Всушност, така се случи и со „Сопот“, „Алфа“, а на крај и со „Монструм“, каде политичките водачи бараа Албанци за да го наместат случајот и преку насилни изјави и кодирани(заштитени) сведоци да ги осудат на доживотен затвор без никаква вина-рече Ајдари.

Шптим Положани, еден од организаторите, рече дека ваквите протести ќе продолжат, но дека ќе бидат сеопфатни за правдата на Албанците.

-Јас мислам дека отсега натаму, наредните протести не треба да бидат ограничувани со посебни случаи, туку треба да се преточат во политички барања, како што беше она за промена на Уставот-рече Положани.

За разлика од минатиот протест, овојпат имаше помалку демонстранти. Еден од организаторите рече дека полициската репресија на претпоследниот протестен марш всадила страв во граѓаните да излезат и слободно да го искажат својот револт против, како што рекоа, монтираните случаи.

Инаку, на претходниот протест организиран за случајот „Монструм“, 3 демонстранти добија затворски казни од по една година. Ајдари бара итно да бидат ослободени, бидејќи нивното апсење и казнување е политичко, со цел згаснување на протестниот глас.